Линкови за пристапност

Финиш на кампањата, остануваат уште неколку часа пред изборниот молк


Претседателски избори 2024 година, во Скопје, С. Македонија, 24 април, 2024 година.
Претседателски избори 2024 година, во Скопје, С. Македонија, 24 април, 2024 година.

Коалициите и политичките партии влегуваат во финишот на кампањата за вториот круг претседателски и за парламентарни избори в среда. Остануваат уште неколку часа за трката за собирање гласови пред молкот кој стапува на полноќ. Дел од пораките се до граѓаните – да излезат и да гласаат и на претседателските и на изборите за пратеници.

„Што се однесува до гласањето на членовите на ЗНАМ и граѓаните, ние сме демократска партија, и ги повикувам греаѓаните по соптствено убедување да му да го дадат гласот на оној кандидат за кој сметаат дека треба да гласаат. Приоритетно, во овој момент, да се избегне политичка криза е да се избере претседател и затоа повикувам на што помасовен одзив и на претседателските и на парламентарните избори“, рече Максим Димитриевски од партијата ЗНАМ.

Прашањето е како ќе се постават партиите на Албанците кои во вториот круг избори за шеф на државата немаат свој кандидат. Дали 200 000 гласови кои во првиот круг завршија на контото на Бујар Османи и на Арбен Таравари ќе се прелеат кај некој од двајцата кои ја продолжуваат претседателската трка, дали има некаков договор во позадина, дали Албанците ќе апстинираат за изборот на шеф на државата се дел од дилемите. Јавните повици се дека граѓаните треба сами да решат дали ќе гласаат и за кого ќе гласаат.

„Граѓаните се слободни да одлучуваат кого ќе поддржат во вториот круг и апсолутно немаме намера да им наметнуваме, туку самите да си донесат одлука, тоа е суштината на демократијата. Граѓаните да имаат информирана одлука, а на крајот тие ја носат одлуката“, рече Бујар Османи од „Европски фронт“.

Опозицијата и на последниот ден од кампањата обвинува дека ДУИ врши притисоци врз гласачите. Но, уверена е дека идната влада ќе биде без партијата на Ахмети. Се најавува и масовна поддршка од дијаспората.

„Дува ветер на промени, тоа го чувствуваме. Околу 10 000 граѓани од дијаспората веќе се дојдени за да гласаат и да придонесат за промената“, рече Изер Меџити од Коалицијата „ВЛЕН“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која по одличниот резултат на нејзиниот кандидат во првиот круг избори за претседател, веќе се гледа како победник и на парламентарните избори, бара уште поголема поддршка од граѓаните.

„За два дена од денеска, во среда се гласа. За два дена граѓаните ќе имаат можност да избираат помеѓу Македонија понижена, ограбена, опустошена, опљачкана и Македонија горда, достоинствена, Македонија која што се гради и во која што важат законите за сите подеднакво. Ве повикувам сите заеднички да излеземе и да гласаме“, рече Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократите кои по изборниот ден на 24 април може да бидат сѐ само незадоволни од резултатот, во изминатите денови апелираат до граѓаните да внимаваат како ќе гласаат в среда зашто, како што велат, треба да се сетат на 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ во минатото.

„Секој глас е скапоцен. Историјата ни покажува дека изборите се добиваат или губат со мали разлики, но со големи последици. Затоа секој од вас е важен за да продолжиме по нашиот пат кон Европската унија. Да не дозволиме да отстапиме од тоа што седум години го градиме заедно и внимателно. Вашата желба за европски стандард и квалитет на живот е најважна“, изјави Фатмир Битиќи од СДСМ.

В среда за претседател на државата граѓаните ќе избираат меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова. За 120 места во Собранието ќе се тркаат 17 коалиции и политички партии. Мандатот за составување на идната влада ќе го добие оној кој ќе обебзеди мнозинство од барем 61 пратеник.

XS
SM
MD
LG